|
Заради квалитетен и брз одговор на граѓанските потреби и барања, Министерството за информатичко општество го спроведува проектот за воведување можност за електронско плаќање (преку мобилен, контакт центри, веб портал) на услугите што ги даваат владините институции, со што се елиминира потребата од посета низ банките и поштите за да се изврши плаќање, како и потребата од купување таксени марки.
Како пилот проект, прва услуга за која е овозможено плаќањето на административни такси да може да се врши преку мобилен телефон, е услугата на Министерството за внатрешни работи-издавање на патни исправи, возачка дозвола.
Во врска со тоа постигнати се договори со 3-те мобилни оператори во Република Македонија, така што претплатниците на било кој од мобилните оператори може да изврши плаќање.
Притоа, за почеток услугата плаќање за таксени марки преку СМС пораки се воведе како услуга на СВР Скопје. Постепено, секоја од подрачните единици ќе ги прилагоди системите и ќе прима електронски плаќања.
Процедурата за плаќање на таксена марка е следна:
Лицето кое сака да изврши наплата за одреден административен трошок преку СМС порака, потребно е да испрати СМС порака на бројот 144 166 со префикс на мобилен оператор. Пораката има строго дефинирана содржина и тоа <коден збор> <име> <презиме> <сума> до која што корисниците треба да се придржуваат. Кодните зборови ќе бидат објавени на шалтерите на МВР.
Доколку корисникот не испрати СМС порака со точно определената содржина, истата нема да се обработи и наплатата нема да биде реализирана.
Доколку уплатата била успешна, со СМС пораката ќе биде приложен и трансакцискиот број. Овој трансакциски број корисникот треба да го сочува и приложи на шалтер при поднесување барање за конкретна услуга.
|